Latest Video

Thursday, November 5, 2009

НА ДЕНЕШЕН ДЕН 5 ноември

1492.- Морепловецот Христифор Колумбо во својот дневник запиша дека пронашол "едно вкусно растение од кое живеат луѓето". Тоа беше прв пишан документ во кој се спомнува пченката (царевката).

1515.- Умре Мариото Албертинели, италијански сликар, еден од претставниците на Фиорентинската школа на високата ренесанса. Роден е на 13 октомври 1474 година.

1831.- Роден е Џемс Клерк Максвел, британски физичар, најголем теоретски физичар во 19. век. Тој во областа на електромагнетизмот ги формулира познатите Максвелови равенки, ја создаде електромагнетната теорија на светлината, даде теоретска основа за радиобрановите и за радиотехниката, математички формулира повеќе Фарадееви изуми и друго. Умре во Кембриџ, на 5 ноември 1879 година.

1911.- Италија ги анектира турските покраини во денешна Либија Триполитанија и Киренаика, како и Родос од архипелагот Додеканез во денешна Грција. Либија формално се стекна со независност во 1951 година иако Италијаните земјата ја напуштија во 1943 година кога германско-италијанските сили во Втората светска војна се повлекоа од Африка.

1912.- За претседател на САД е изран Вудро Вилсон. Вилсон е единствениот претседател во американската историја кој на избори ги победи двајцата поранешни шефови на државата - Вилјам Тафт и Теодор Рузвелт.

1913.- Родена е британската театарска и филмска глумица Вивијен Ли, која светската слава ја стекна со улогата Скарлет О`Харе во американскиот филм „Однесено со виорот“ за која беше наградена со Оскар. Во театарот играше низа главни улоги во драмите на Вилијам Шекспир, често со нејзиниот маж Лоренс Оливије за кого беше мажена од 1937 до 1960 година. Филмови: „Бура во чаша вода“, „Пожар над Англија“, „Цезар и Клеопатра“, „Ана Каренина“, „Леди Хамилтон“, „Тармвајот наречен желба“.

1914.- Франција и Велика Британија во Првата светска војна и објавија војна на Турција.

1916.- Централните сили во Првата светска војна го прогласија Кралството Полска, што беше обид Пољаците масовно да се мотивираат за учество во војната на страната на централните сили. Царска Русија на овој чин одговори со ветувањето дека по војната Полска ќе добие самостојност. Дотогаш Полска беше една од руските крунски земји - рускиот цар ја носеше титулата и цар на Полска (без Галиција која беше австриска и делови кои биле под Германија).

1930.- Умре холандскиот лекар Кристијан Ајкман, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1929 година, пронаоѓач на причините за болеста бери-бери. Нобеловата награда ја доби за откривање на витаминот Б.

1935.- Во селото Буф, Леринско, е роден Доне Пановски, македонски литературен критичар, есеист, книжевен историчар и новинар. Автор е на повеќе книги, меѓу кои: „Вреднување“, „Литературни портрети“, „Писателите на Илинден“, „Литературни студии“ и други. Умре во Битола на 7 јануари 1997 година.

1940.- Демократот Франклин Рузвелт го победи на изборите републиканецот Вендел Вилки и по третпат е избран за претседател на САД.

1944.- Умре францускиот хирург и биолог Алексис Карел, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1912 година. Значаен е по откривањето на трансплантацијата на ткивата и одржување на живото ткиво надвор од организмот. Исто така ја унапреди хирургијата на крвните садови.

1944.- Единиците на 51. Македонска дивизија ги протераа и последните окупаторски сили од Струмица и Струмичко.

1955.- Умре францускиот сликар Морис Утрило, кој беше самоук, со исклучок на најнужните упатства што ги доби од неговата мајка, сликарката Сизан Валадон. Со сликарство се бавеше во текот на терапијата меѓу честите престои на клиниките, каде се лекуваше од нервно растројство. Изгради свој стил, надвор од сите сликарски насоки и струи.

1956.- Британските падобранци се спуштија во Порт Саид во рамките на тројната британско-француско-израелска агресија врз Египет. Со енергична акција на Обединетите нации, агресијата беше запрена, но остави политички последици врз целиот регион и врз светот.

1960.- Умре американскиот филмски режисер од канадско потекло Мак Сенет, еден од најзначајните автори на бурлеските во периодот на немиот филм. Тој го промовираше Чарли Чаплин.

1968.- На изборите за претседател на САД републиканецот Ричард Никсон го победи демократот Хјуберт Хамфри.

1968.- На сцената на Операта при Македонскиот народен театар во Скопје е изведена премиерата на операта во четири чина со епилог „Цар Самуил“ од македонскиот композитор Кирил Македонски.

1969.- САД го лансираа првиот вселенски брод "Маринер-3" во правец кон Марс. Поради технички грешки мисијата претрпе неуспех.

1982.- Умре францускиот филмски режисер и глумец од руско потекло Жак Тати, сатиричар, комедиограф. Филмови (режија и глума): „Празничен ден“, „Одмор на господинот Илоа“, „Мојот вујко“ (Оскар), „Сообраќајна бркотница“.

1982.- На реката Парана на бразилско-парагвајската граница почна со работа Итаипа, најголемата хидроелектрана во светот.

1898.- Умре американскиот пијанист Владимир Хоровиц, еден од најголемите мајстори на клавир во историјата. Советскиот Сојуз го напушти во 1925 година, а кога првпат се врати во 1986 година одржа триумфални концерти во Москва и во Санкт Петербург.

1990.- Во Њујорк е убиен еврејскиот рабин Меир Кахан, кој се залагаше за отфрлање на сите Арапи од Израел.

1991.- Британскиот медијски магнат од чешко потекло Јан Роберт Максвел е пронајден мртов во водите кај Канарските Острови каде беше на крстарење со јахта.

1996.- Демократскиот кандидат, гувернерот од Арканзас, Бил Клинтон убедливо победи на претседателските избори дури во 40 држави на САД.

1996.- Пакистанскиот претседател ја смени премиерката Беназир Буто обвинувајќи дека нејзината влада е вмешана во корупција и непотизам и дека не е способна да управува со државата.

2003.- Европската комисија ја донесе дефинитивната одлука за влез во Европската унија, на 1 мај 2004 година, на 10 нови членки - Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Унгарија, Малта, Полска, Словачка, Словенија и Чешка.

2005.- Умре британскиот писател Џон Фаус, автор на романот „Магионичар“, „Жената на францускиот поручник“, „Колекционер“, „Мушичка“, „Даниел Мартин“.

2006.- Поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин е осуден на смрт со бесење за извршени злосторствата против човештвото. Садам заедно со седуммина поранешни ирачки функционери беше обвинет за убиство на 148 муслимански шиити во местото Дуџаил, по обидот за атентат врз него, во 1982 година.

2006.- Умре поранешниот турски премиер Булент Еџевит, познат како лево ориентиран националист чија политичка кариера траеше половина век. Како премиер на Турција, Еџевит ќе остане запаметен по тоа што испрати трупи во поделениот Кипар во 1974 година, како и по тоа што на својата земја и обезбеди статус на кандидат за прием во Европската унија во 1999 година.


0 comments:

Post a Comment

Share

Twitter Delicious Facebook Digg Stumbleupon Favorites More