Latest Video

Monday, November 16, 2009

НА ДЕНЕШЕН ДЕН 16 ноември

42.п.н.е.- Роден е римскиот цар Тибериј, посинок на Октавијан Август, кој за време на владеењето од 14 до 37 година во новата ера ги осигура границите на Римското царство без нови освојувања. Претходно се прослави со воените походи во Германија, Панонија и Далмација.

1095. - На црковниот собир Клермон, во Франција, папата Урбан Втори ги повика соборните црковни големодостоинственици и световните владетели да тргнат во воен поход против "неверниците", Селџуци, кои ја зазедоа "светата земја" во Палестина, со Исусовиот гроб во Ерусалим. Со тоа го поттикна верското лудило и Крстоносните војни што траеја цели два века.

1272.- Умре англискиот крал Хенри III, кој стапи на престолот само со девет години кога во 1216 година во текот на Првата баронска војна загина неговиот татко Џон Без Земја, но вистински почна да владее во 1234 година.

1797.- Умре прускиот крал Фридрих Вилхелм II кој во текот на 13-годишното владеење спроведе политика на територијално ширење на земјата.

1828.- Франција, Британија и Русија ја признаа независнота на Грција. Иако Османлиското царство одби тоа да го прифати, во 1829 година беше принудено по поразот во војната со Русија, да ја признае независноста на Грција.

1831.- Умре прускиот генерал Карл фон Клаузевиц, еден од најпознатите воени теоретичари на 19. век, кој главните идеи за борбена стратегија и тактика ги изложи во делото „За војната“. Поради несогласувањата со политиката на водечките кругови на Прусија према француското царство на Наполеон I, против кого се бореше во повеќе битки, од 1812 до 1814 година беше во служба на Русија.

1848.- Во Рим со кој автократски владееше папата Пије IX - избувна буна со што беше создадена Римската република во која беа востановени многу институции по урнекот на Француската револуција.

1878.- Во Белград умре Ѓура Јакшиќ, српски писател и сликар, претставник на српскиот романтизам. Познати негови дела се „Татковина“, „Паѓајте, браќа“, „Маченица“, „Први жртви“ и други. Роден е во Српска Црња, на 27 јули 1832 година.

1887.- Во Љубљана умре Фран Левстик, словенечки писател и борец за национални идеи и слобода. Од делата познати му се „Мартин Крнан“, „Патување од Литија до Чатеж“ и други. Роден е во Сподње Ретје, на 28 септември 1831 година.

1895.- Роден е германскиот композитор Паул Хиндемит. Од 1939 година беше професор на неколку универзитети во САД и во Швајцарија. Дела: оперите „Новости на денот“, „Сликарот Матис“, „Хармонија на светот“, шест гудачки квартети, „Камерна музика оп. 36“, концерти и сонати за разни инструменти, теориски дела „Традиционална хармонија“, „Светот на композиторот“ и други.

1898.- Во Солун е роден Симеон Кавракиров, македонски револуционер, следбеник на Гоцевите идеи и секретар на Обласниот комитет на ВМРО за Пиринска Македонија. Во јуни 1932 година е киднапиран во Софија од страна на врховистите во содејство со бугарската полиција и по двегодишно мачење е убиен во близината на селото Драглишта, Разлошко, на 14 јуни 1934 година.

1912.- Почна Битолската битка во Првата балканска војна во која добро утврдената турска Вардарска армија на Зеки паша, која се повлече по поразот од Кумановската битка, по тридневни битки беше поразена од српската Прва армија на Александар Караѓорѓевиќ со што Јужна Србија (денешна Македонија) и Стара Србија (Косово и Метохија) конечно беа ослободени од Турците.

1918.- По падот на австроунгарската монархија во Првата светска војна, Унгарија е прогласена за независна република.

1923. - Во селото Никифорово, Гостиварско, е роден Чеде Филиповски-Даме, народен херој на Македонија. Во Народноослободителната војна на Македонија учествуваше од 1941 година. Загина кај Радовиш во сообраќајна несреќа, како командант на Четириесет и осмата македонска дивизија, на 29 јуни 1945 година.

1933.- Советскиот Сојуз и САД воспоставија дипломатски односи.

1941.- Во Втората светска војна почна втората германска офанзива врз Москва која, исто како и првата, започна во септември 1941 година кога Германците дојдоа на 30 километри до Москва, заврши со неуспех.

1945.- Во Лондон е потпишана Конвенцијата на Меѓународната организација за просвета, наука и култура (УНЕСКО), специјализирана установа на Организацијата на Обединетите нации, основана со цел преку воспитување, наука и култура, заштита на светските природни уметнички богатства, да спроведува соработка меѓу народите врз база на целосна рамноправност. Конвенцијата стапи во сила на 4 ноември 1946 година. Седиштето на УНЕСКО е во Париз. Република Макеоднија е 175 членка на УНЕСКО од 19 јули 1993 година.

1960.- Умре американскиот филмски глумец Клерк Гебл. Играше во повеќе од 70 филмови и со децении беше во врвот на популарноста како симбол на машкоста. Филмови: „Источен пат“, „Слободна душа“, „Се случи една ноќ“ (Оскар), „Буна на бродот `Баунти`“, „Кинеско Море“, „Однесено со виорот“, „Сан Франциско“, „Могамбо“, „Пробен пилот“, „Неприлагодени“, „Луѓе во бело“.

1962. - Скопје, главниот град на Република Македонија, го зафати катастрофална поплава.

1965.- Советскиот Сојуз го лансираше првиот вселенски брод „Венера III“ кој со стигнувањето на Венера во март 1966 година стигна на друга планета.

1965.- Умре ирскиот државник Вилијам Томас Косгрејв. Беше прв претседател на Ирска од 1922 до 1932 година.

1970.- Пакситан соопшти дека бројот на мртвите во циклонот и огромните бранови кои ги зафатија бреговите на Источен Пакистан (сегашен Бангладеш) и островите во Бенгалскиот Залив достина 500 илјади.

1972.- Генералното собрание на Обединетите нации одлучи Португалија да ги напушти своите колонијални имоти во Африка и Азија (Ангола, Мозамбик, Порт, Гвинеја, Сао Томе, Кап Верде, Источен Тимор, Макао).

1973.- Тројца американски космонаути го отпчнаа 84-дневниот лет во вселенското летало „Скајлаб“.

1981.- Умре американскиот филмски глумец Вилијам Холден, кој најчесто толкуваше улоги на „идеални“ современи Американци. Филмови: „Булевар на самракот“, „Вчера родена“, „Силата на оружјето“, „Месечината е сина“, „Над 30 ката“, „Излет“, „Мост на реката Квај“, „Светот на Сузи Вонг“.

1993.- Во Сардинија умре 69-годишниот мафијашки член Лучијано Лиџио, еден од најбараните лица во Италија и инспирација за романот "Кум", на Марио Пузо.

1993.- Обединетите нации официјално се откажаа од потрагата по лидерот на најмоќната фракција во Сомалија, Мохамед Фарах Аидид.

1995.- Поранешниот претседател на Јужна Кореја Ро Те Ву е уапсен поради корупција.

1995. - Во Скопје умре Петре Прличко, доајен и еден од втемелувачите на македонската театарска уметност, актер и режисер. Тој е припадник на првата генерација современи македонски театарски и филмски дејци, кој остави неизбришливи траги во македонското актерско творештво. Роден е во Велес, на 13 март 1907 година.

1997.- Умре францускиот политичар и публицист Жорж Марше, генерален секретар на Француската комунистичка партија од 1972 до 1994 година. Дела: „Што е Француска комунистичка партија?“, „Демократски предизвик“, „Политиката на Француската комунистичка партија“, „Зборуваме отворено“, „Одговори“, „Надеж во сегашноста“.

2001.- Собранието на Република Македонија ги прогласи 15-те амандмани за промена на Уставот на Република Македонија, иницирани од Рамковниот охридски договор.

2006.- Унгарски научници успешно клонираа глушец. Глушецот наречен „Клонила“ е производ на тригодишната работа на 20 истражувачи на Земјоделскиот биотехнолошки истражувачки центар во Годол, близу Будимпешта. Според нивните уверувања, клонирањето би требало да биде од голема помош за научниците во лечењето на разни болести.

2006.- Умре Милтон Фридман, економист и добитник на Нобеловата награда. Признат е како „татко на монетарната теорија“. Неговото практично знаење е потврдено во улогата на економски советник во администрацијата на американските претседатели Ричард Никсон, Џералд Форд и Роналд Реган. Фридман се смета за еден од основачите на влијанието на „чикашката школа“, а од 1948 до 1979 година беше и професор на Универзитет во Чикаго. Главни дела: „Капитализам и слобода“, „Теоретски основи на монетарната анализа“, „Слобода на изборот“.

0 comments:

Post a Comment

Share

Twitter Delicious Facebook Digg Stumbleupon Favorites More