Latest Video

Thursday, October 29, 2009

Зошто петок 13 го сметаме за баксуз-ден?

На листата на најголемите стравови на луѓето во 21-от век, секако почесното прво место го зазема смртта. Во модерните времиња се јавува и страв од неуспех, кој што се наоѓа на високото второ место. Сепак од најстари времиња до денес, постои стравот од тринаесет како број, најчесто поради верувањата дека бројот 13 е баксузен. Ваквиот страв, иако за многумина неоснован, меѓу медицинските лица е попознат како параскаведекатриафобија и е мошне широко распространет меѓу луѓето.

Бројот 13 одамна се сметал за баксузен, особено ако доаѓа во комбинација со денот петок. Во паганските обичаи петок како ден се сметал за најсреќен во неделата, бидејќи со него владеела планетата Венера, планетата на љубовта и среќата. Но за христијаните, денот петок и не бил така среќен, земајќи предвид дека Адам и Ева го изеле забранетото овошје во петок и дека Исус Христос бил распнат на крст токму во петок. Поради овие причини, со векови морнарите одбивале да отпловат во петок, се до почетокот на 20-тиот век, кога се утврдило дека во петок има најмалку сообраќај, па од практични причини граѓаните почнале често да патуваат токму тогаш. И пред да речете „Фала му на Бога, петок е“, мислејќи на почетокот на викендот и на будењето подоцна наредниот ден, имајте предвид дека истражувањата на ФБИ велат дека токму најголемите кражби се случуваат во петок.

Додека барем за младите делот петок од баксузната комбинација петок 13-ти ги асоцира на убави моменти, тринаесетката останува да „боде очи“. Стравот од овој број произлегува од способноста на луѓето во стари времиња да бројат до 12. Од 13 па понатаму броевите имаат имиња кои се автентични, но во исто време претставуваат комбинација меѓу имињата на броевите од 1 до 12. Размислувањата одат до таму што бројот 13 во тарот картите означува смрт. Несреќниот број 13 се поврзува и со симболичното месење 13 леба, присутно во минатото, кога 12 леба претставувале дузина, а 13-тиот леб се правел за ѓаволот да не ја попречува продажбата на лебот.

Сепак бројот 13 не носи секаде лоша среќа. Маите верувале во 13 богови, Ацтеките по 13 скали доаѓале до нивните свети места, а Евреите зборуваат за 13 принципи на вера. Но од сеуште нејасни причини, луѓето се суеверни и одбегнуваат на петок 13-ти да патуваат или да донесуваат важни одлуки, мислејќи дека така ќе ги следи лоша среќа.
---------------
Јас не сметам дека е баксуз, туку на тоа повеќе влијае уверувањето на луѓето дека нешто лошо ќе им се случи. Ако такво нешто се случи, веднаш му се препишува на датумот.

0 comments:

Post a Comment

Share

Twitter Delicious Facebook Digg Stumbleupon Favorites More